Проверете дали сте дигитални зависници
- marijamaneva
- Nov 6, 2017
- 2 min read
Ако живеете динамичен живот и модерно секојдневие и доколку вашата работа е поврзана со онлајн пространството, социјалните мрежи, следење интернет новости и комуникација преку електронска пошта, тогаш веројатно и вие сте развиле зависност од технологијата.
Дури и доколку работно не сте врзани за технологијата, сигурно своето слободно време го поминувате гледајќи во екранот од мобилниот телефон или компјутерот и тоа до доцните вечерни часови. Виртуелната комуникација, прегледување на различни веб страници и профили, сето тоа често знае да не прикова за технологијата, дури и тогаш кога не е неопходно да ги користиме модерните уреди.

Дали сте зависни од вашиот телефон или компјутерот?
Достапноста на информациите може да биде подеднакво корисна и штетна. Особено ако потребата за виртуелниот свет не можете да ја контролирате. Можеби и самите веќе сте свесни за овој проблем со дигиталната зависност, но не знаете како да го решите.
Поимот „дигитална детоксикација“ се користи се почесто, а за него зборуваат и пишуваат и најголемите светски медиуми и експерти. Во 2013 година најде свое место дури и во Оксфордскиот речник како „период во кој личноста апстинира од електронските уреди“. Вклучувањето во виртуелниот свет пред спиење и веднаш по будење ве внесува во виртуелниот свет на проблемите и нивото на стрес расте. Раздразливост, мрзеливост и исцрпеност се само некои од проблемите со кои мора да се соочите, дури и пред вашиот работен ден воопшто да започне.
Ако работните обврски не ви дозволуваат да се одморите од технологијата за време на работната недела, тогаш направете го тоа во викендите. Планирајте викенд во природа или на места каде што нема да имате допир со модерните уреди, а претходно известете ги вашите блиски пријатели и соработници дека нема да бидете достапни во тој период. Со дигиталната апстиненција можете да започнете дури и ако го одложувате виртуелното дружење пред спиење и по будење. Половина час за почеток е секако добар старт.

Сигурно и сами забележувате дека информациите од типот временска прогноза, најнови вести и слично не ви го менуваат драстично животот затоа добро е сфатите дека треба да се одморите од нив. Времето пред спиење поминато со книга многу побргу ќе ве опушти, а утрата препуштете ги на подготовка на здрави оброци или пиење на утринското кафе во целосен мир.
Comments