top of page

Катерина Арсовска - искреност и добронамерност, вештини кои секој менаџер треба да ги поседува

  • Writer: marijamaneva
    marijamaneva
  • Nov 30, 2017
  • 3 min read

Раскажете ни ја вашата успешна бизнис приказна, како започна се и како се развиваше до денес?

Со самото тоа што мојата професија е од областа на здравството, иницијалната каписла за започнување сопствен бизнис беше од хумана природа како би можела да бидам примарна линија во унапредувањето на здравјето на пациентите. Секако дека таа цел примарно беше остварена со самото отварање на аптека БЕЛА ФАРМ во Неготино 2012 година. Луѓето секогаш ја препознаваат искреноста и желбата за помагање, па така целосно имавме поддршка од пациентите во заедничкото унапредување на здравствената култура во нашата држава.

Мојата професија е тесно поврзана и со убавината поточно медицинската козметика па така поголем акцент ставивме и на тој дел за да можеме да постигнеме комплетна благосостојба кај луѓето а не само отсуство на болест, што е и дефиниција за здравјето.

Аптека БЕЛА ФАРМ во Неготино со тек на време прерасна во аптека која покрај сите лекови кои се регистрирани во нашата држава нуди и разновиден асортиман од диететски суплементи, додатоци во исхрана, светски докажани козметички брендови за третман и нега на кожата, бебешка козметика, галантерија и храна.

2016 година започна со работа и ПЗУ БЕЛА ФАРМ 1 во Кавадарци која исто така е успешен здравствен сервис на граѓаните од тоа подрачје.

Кои се вашите три најзначајни вештини што ве прават успешна жена претприемач?

Како и претходно што кажав -луѓето ја препознаваат искреноста, добронамерноста и пожртвуваноста во работењето. Токму тие три карактеристики сметам дека ги поседувам, а тоа ми помага и во тимската работа бидејќи моето постоење и успешно работење е резултат на целокупен стручен тим во аптеките кои постојано се усовршуваат на професионален план и несебично ги пренесуваат сите потребни информации на нашите потрошувачи и пациенти.

Кога би можеле кои работи би ги промениле за да го подобрите женското претприемништво и претприемништвото воопшто?

Лично не би го делела претприемништвото на женско и машко бидејќи било да се работи за маж или за жена претприемач, постојат истите предизвици но и пожртвуваност. Секако со добар баланс помеѓу семејството и професијата сите работи на крајот меѓусебно се надополнуваат.

Претприемништвото функционира симетрично со можностите и условите во нашата држава но промени сметам дека би требало да има во делот на помагање и стимулирање на малите бизниси, повеќе субвенционирани вработувања и поголема контрола со цел запирање на нелојалната конкуренција. Најглавно од се, било да се работи за државен или правен сектор сметам дека основно е да секој сноси одговорност за тоа што го работи. Така сите работи би се движеле во правилна насока.

Каков совет би им дале на жените кои сакаат да отпочнат сосптвен бизнис?

Претприемништвото е голем предизвик, меѓутоа првенствено е секоја жена да вложува во себе на интелектуален план, да се надоградува и професионално усовршува, а потоа патот до успехот е многу полесен било да се стреми кон остварување како претприемач или тимски соработник. Квалитетот секогаш ќе биде препознаен .

Какви се вашите идни планови, каде се гледате себе и вашиот бизнис за една година?

Во иднина БЕЛА ФАРМ ќе продолжи со својата професионалност а исто така планираме да воведеме и поголема достапност на услугите кон своите потрошувачи . Мојата улога како фармацевт и управител на БЕЛА ФАРМ е да помогнам и креирам подинамичен и различен модел на аптека во нашето живеење која нема да биде само место за да се подигне бараниот лек, туку и лојално и дискретно место каде може да добиете соодветна информација, стручен совет и производ од докажани фирми кај нас. Модерното аптекарско работење со сите основни начела кои ги налага нашата професија останува и ќе ни биде основна цел во понатамошното опстојување како приватна здравствена установа.


Comments

Couldn’t Load Comments
It looks like there was a technical problem. Try reconnecting or refreshing the page.
ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ
bottom of page