top of page

Пенка Мукаетова - образованието е најефикасен метод за вклученост на жената во бизнисот

  • Writer: marijamaneva
    marijamaneva
  • Dec 6, 2017
  • 3 min read

Раскажете ни ја вашата успешна бизнис приказна, како започна се и како се развиваше до денес?

Мојата бизнис приказна започна пред 7 години кога искуството од работата со странски компании ми покажа дека пред секое нивно дејствие и активност тие задолжително ангажираат правни консултанти. Оттаму идејата преку мојата консултантска компанија КОНСАЛТИНГ ИНТЕР ГРУП ваквата навика да ја пренесам и кај македонските бизниси, да ја зголемам нивната свест за исклучителното значење на правниот консултант и вистинскиот правен совет.

Моите почетоци беа скромни, но, предизвикот и амбицијата беа големи. Мотивацијата да ја изградам компанијата како препознатлив бренд на пазарот, ми овозможи да го проширам делокругот на работење и да креирам сеопфатна листа на услуги согласно потребите на клиентите.

Моментално КОНСАЛТИНГ ИНТЕР ГРУП функционира преку две канцеларии во Кавадарци и Скопје; потреба која беше наложена од континуираното проширување на нашата мрежа на клиенти и соработници.

Денес компанијата нуди услуги како на македонскиот пазар, така и пошироко, со тенденција за постојан раст, за да ја потврдиме нашата позиција на комплетен правен сервис кој ужива огромна препознатливост и репутација.

Кои се вашите три најзначајни вештини што Ве прават успешна жена претприемач?

Зад епитетот успешна жена претприемач се кријат многубројни вештини, но пред сé: самодисциплината, истрајноста и постојаното надградување и едукација, како моја, така и на мојот тим, со цел успешно да се следат сите новитети во начините на работење согласно постојната законската регулатива и нејзините промени.

Добрата организираност, соодветното планирање на времето и градењето на што поголем број професионални конекции се исто така значајни елементи за успех.

Кога би можеле кои работи би ги промениле за да го подобрите женското претприемништво и претприемништвото воопшто?

Според мене, најефективен метод за поттикнување на женската вклученост во бизнисот е образованието. Уште од најрани години мора да се укажува на способностите на девојчињата и квалитетот кој тие можат да го понудат како креаторки на бизнис.

Уште повеќе, законските решенија можат да придонесат кон создавање подобра бизнис клима за промоција на женското претприемништво, но, мора да се внимава на тоа мерките кои ќе се применуваат да не бидат крути, туку прилагодливи на општествените прилики.

КОНСАЛТИНГ ИНТЕР ГРУП како компанија е силен поддржувач на зацврстување на улогата на жената во сите општествени случувања, а особено во бизнис секторот и ние постојано преземаме активности во склоп на бројните Асоцијации во кои членуваме во насока на правење реални чекори за овозможување подобра основа за отпочнување бизнис од страна на македонските претприемачки. Тука би го истакнала Проектот во кој бев директно вклучена во улога на бизнис ментор на жени кои планираат да започнат сопствен бизнис.

За подобрување на претприемништвото воопшто, мора да се работи на креирање услови за поддршка на креативните бизнис идеи кои имаат реален потенцијал за профитабилно работење.

Каков совет би им дале на жените кои сакаат да отпочнат сопствен бизнис?

Би ги советувала сите жени кои сакаат да отпочнат сопствен бизнис во ниту еден момент да не ја губат сигурноста во себе и во своите квалитети; постојано да се едуцираат и надоградуваат, да членуваат во бројните Асоцијации кои им стојат на располагање за градење што повеќе бизнис конекции.

Исто така, би им препорачала да бидат храбри, да не се плашат од неуспех, туку енергично да се движат кон зацтаните цели. Во бизнис заедницата секогаш можат да најдат партнер кој ќе им подаде рака и ќе им пренесе дел од сопственото искуство.

Дополнително, би сакала да ги советувам во нивното работење да поставуваат големи цели и никогаш да не се задоволуваат со помалку од тоа. Доколку се мотивирани, прецизни и посветени, успехот ќе им биде неизоставен.

Какви се вашите идни планови, каде се гледате себе и вашиот бизнис за една година?

2017 година за мене и за мојата компанија беше исклучително успешна и се надевам дека следната година, со новите проекти кои ни се на повидок, ќе го продолжиме овој тренд на успешно работење. Планирам збогатување на листата на услуги кои ги нудиме и проширување на тимот на КОНСАЛТИНГ ИНТЕР ГРУП.

Исто така, во моментов го финализираме планирањето на нашата Програма за општествена одговорност за годината која следи и сметам дека со новите активности ќе имаме огромен импакт врз сé поголемиот развој на претприемништвото во Македонија.


Comments


ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ
bottom of page