Прва конференција во Македонија која собра повеќе од 120 жени претприемачи на едно место
- marijamaneva
- Nov 29, 2017
- 2 min read
Мотивација, вмрежување, дружење, забава, со овие четири збора накусо може да се опише конференцијата „100 жени претприемачи“ која вчера се одржа во Скопје.

Повеќе од 120 жени претприемачи беа присутни на конференцијата на која можеа да се слушнат низа инспиративни говори на познати и докажани експерти од областа на менаџментот, претприемништвото, човечки ресурси и др.
Организатор на настанот е Катерина Котлареска – Маневска која долги години работи во насока на подобрување на претприемништвото во Македонија редовно организирајќи го и познатото бизнис кафе чија основна цел е да се дискутира за прашања кои се од исклучително значење за претприемачите и нивно вмрежување.

- За успех е важно првин да се тргне од самиот себе, храброста да се оди кон целта, а многу важно како поддршка е и семејството затоа што без него неможе да се успее, изјави, организатор на конференцијата, Катерина Котлареска – Маневска.
Конференцијата ја отвори Министерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска, која во својот поздравен говор испрати силна порака до жените претприемачи.

– „Во 21 век мора да разбереме, пред сè овде на Балканот, дека определбата на жените за да балансираат меѓу приватното и професионалното, меѓу семејството и кариерата, може да биде надополнување, надоградување. Борбата против овие културни ограничувања, надминување на психолошките бариери кои едно општество ги поставува во однос на жените-претприемачи, станува темелна потребна и е неопходна ако сакаме долгорочни економски резултати. Така ќе се ослободи еден огромен потенцијал и тоа со економски капацитети кој со децении лежи потиснат кај женската популација“ – изјави Апостолска.
На конференцијата со свои инспиративни говори се обратија и познатите експерти од Македонија, Хрватска и Словенија: Диана Кобас Дешковиќ, Кристина Ерцеговиќ, Зори Јаколин, Сања Поповска Петров, Катерина Ангеловска, Горазд Смилевски, Марина Анчевска и др.



Comentarios