top of page

Делфина Јованова Николенко - ризикот и пречките претворете ги во предности

  • Writer: marijamaneva
    marijamaneva
  • Dec 7, 2017
  • 4 min read

Раскажете ни ја вашата успешна бизнис приказна, како започна сè и како се развиваше до денес?

Како професор, работата со деца ме исполнува. Затоа, предводена од љубовта кон децата се решив на овој потег. Па така, во ноември, 2016 година, официјално беше отворена НИКОЛЕНКО ЛЕНД игротеката. Имавме мошне успешен почеток а со труд, посветеност и напорна работа, така продолживме до денес. Наша основна заложба е децата да бидат насмеани и радосни и тоа нè прави спремни за надминување на секојдневните предизвици кои оваа работа ги носи. Нашата игротека располага со многубројни реквизити за играње, лавиринт на две нивоа со два базена со топчиња, три трамбулини за скокање, големи коцки преку кои децата ја изразуваат својата креативност, детска куќичка, тунел, фудбал, кош за играње кошарка, коли за малите возачи итн. Покрај ова, се играат различни игри во зависност од возраста на децата со цел да се поттикне натпреварувачкиот дух кај нив, потоа имаме претстава со магионичар преку која се развива фантазијата кај децата, маскоти и машина за меурчиња која не ги остава рамнодушни како децата, така и возрасните. Сметам дека мошне важно е и воведувањето новитети и учење нови работи, постојано зголемување на бројот на реквизити за играње со цел да се избегне монотоното секојдневие, како и тоа да се биде различен од конкуренцијата. Затоа, покрај горенаведените поволности ние нудиме и професионално фотографирање и осветлување од студиото НИКОЛЕНКО.

Кои се вашите три најзначајни вештини што ве прават успешна жена претприемач?Најзначајните вештини кои јас како претприемач ги поседувам се планирање, фокусираност на клиентите и управување со времето. За да се преземе голем бизнис чекор потребно е храброст. Тоа претставува голем ризик кој може да ве одведе до успех или неуспех, посебно ако бизнисот е во рана фаза на развој. Затоа, успешните претприемачи планираат, а пред сè, се придржуваат до планот, размислуваат за секој ризик, за придобивките или евентуалните загуби што би можеле да произлезат. Се разбира, многу е важно плановите да бидат реални во однос на факторите време и расположлив буџет. Исто така, фокусираноста на клиентите е многу важна вештина. Сметам дека секој претприемач треба да го насочи фокусот кон клиентите и не треба да се заборави дека сè што се прави е за потрошувачите, бидејќи клиентот е тој што овозможува постоење на бизнисот. Затоа, треба секогаш да имаме време за своите клиенти, без разлика дали тие имаат пофалби или жалби. Да се има добра фокусираност на клиентите, значи да се види секој потрошувач како можност да се подобри бизнисот и да се оствари поголем раст. Понатаму, премногу активности и задачи еден просечен ден можат да го направат да изгледа како хаос и во поглед на ова треба да ги знаеме важностите и приоритетите на нашите активности, да знаеме што и кога треба да се заврши и кога ќе се разбудиме наутро да имаме јасен план кои задачи треба да се сработат во текот на денот.

Потоа, сметам дека мошне важни вештини кои секој добар претприемач треба да ги поседува се самомотивациските и лидерските вештини. Сè што самите ќе направиме во својата компанија истото и вработените ќе го прават. Ако ние додаде вредност со нашите активности, тогаш и нашите вработени, исто така, ќе додадат вредност и како претприемачи имаме и ќе имаме многу задачи кои ќе бидат на нашиот грб. Овде нема шеф кој ќе ни каже што треба да направиме денес а одложувањето е нешто многу опасно за бизнисот. Поради тоа овие вештини се многу важни и ни овозможуваат да знаеме кога мора да почнеме нешто и кога мора да престанеме.


Кога би можеле кои работи би ги промениле за да го подобрите женското претприемништво и претприемништвото воопшто?

Улогата на жените во социјалниот, економскиот и општествениот живот сè повеќе расте а во последната деценија тој процес е многу забрзан. Во светот сè повеќе позиции во раководењето на големите корпорации и финансиските институции им припаѓаат на жените. Но, во Република Македонија, иако жените сè помасовно се пробиваат во јавната сфера, мал процент се наоѓаат на раководни функции. Кај нас треба да се надминат стереотипите на поделба на машки и женски улоги и да се подигне свеста за потребата од економска еднаквост на жените и мажите. За ова потребно е поддршка од целокупното опшество, а пред сè од семејството.

Сметам дека треба да има повеќе вакви настани и организации со цел да се надмине родовиот дисбаланс на пазарот на трудот, за охрабрување на жените за вклучување во претприемништвото и прифаќање на профилот на жени претприемачи, спроведување пилот обуки за менторство за развој и промовирање на женското претприемништво, изработување стратегија и акциски план за женско претприемништво, како и подобрување на статусот на жената на сите нивоа.


Каков совет би им дале на жените кои сакаат да отпочнат сопствен бизнис?

Предизвик е да се започне сопствен бизнис и да се преземе ризик. Поедноставно е да се искористат можностите, но да се прифати ризикот и пречките да се претворат во предности, тоа е вистински претприемачки успех. Треба да верувате во себе и во тоа што го сакате и секако, да се борите да го постигнете. Мора да поставите цел, да знаете кон што се стремите, да бидете подготвени на падови и грешки, но и да не се разочарувате, туку да учите од нив. Би им препорачала да бидат истрајни, но и да не заборават да уживаат во секој сегмент од патот и дека само на тој начин ќе имаат успех. Затоа, пронајдете ја работата што ја сакате, поставете си цели, завиткајте ги ракавите и работете. Упорноста и трпението ќе имаат голема улога тука и крајниот резултат нема да изостане затоа што без разлика дали верувате дека можете или не - во право сте!


Какви се вашите идни планови, каде се гледате себе и вашиот бизнис за една година?

Се стремам да го извлечам најдоброто од себе, да се надминам себеси во она што сум го постигнала вчера и утре да се искачам на следното ниво на личен прогрес. Само на тој начин чувството на исполнетост и успех нема да исчезне. И да можам одново да почнам сè , истиот пат повторно би го изодела. А во иднина, планирам проширување на игротеката, воведување на нови работи кои ги нема во овој регион и секако, професионален напредок а како што веќе кажав во тек е нов бизнис-проект за проширување на брендот Nikolenko, но нема да откријам за што се работи, нека биде изненадување.




Comments


ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ
bottom of page