Што е тоа ХАЛО ЕФЕКТ
- marijamaneva
- Nov 29, 2017
- 2 min read
Сигурно ви се случил, а да не сте биле свесни. Хало ефектот ни се случува кога на другите, заради оние што ги имаат им припишуваме и особини што ги немаат.

Хало Ефектот, или Ефектот на Ореолот, е психолошки принцип кој вели дека при нашата перцепција на другите може да си создадеме своевиден ореол кој ќе зрачи над нивните глави и кој честопати може да не залаже. Со други зборови, во најчест случај, имаме склоност да го гледаме она што сакаме да го видиме.
Хало ефектот е класично откритие во социјалната психологија. Ја означува идејата дека општата проценка за одредена личност (на пример, колку една личност е допадлива) влијае врз општото расудување за нејзините индивидуални особини (на пример сметаме дека истата личност е и интелигентна).
Холивудските ѕвезди се совршен пример за објаснување на хало ефектот. Пред камери изгледаат привлечно и симпатично, па затоа си претпоставуваме дека се и интелигентни, дружељубиви, праведни, со примерно расудување итн. Така и си останува се додека не откриеме јасни и неоспорни докази кои го тврдат спротивното.
Истиот принцип го користат и политичарите во нивна корист за пред јавноста да остават впечаток на топла и пријателски настроена личност иако може и да не кажат ништо што е од суштинско значење. Луѓето се склони да веруваат дека политиката што тие ја нудат е правилна само затоа што тие како политичари им делуваат пријатно. Изгледа неверојатно едноставно, но тоа е ноторен факт.
Можеби ќе помислите дека може да ни текне дека правиме погрешни расудувања ако малку подразмислиме и интроспективно го вратиме мисловниот процес наназад кон првобитната грешка. Но, во 1970-тите, познатиот експерт по социјална психологија, Ричард Нисбет, си даде задача да демонстрира колку всушност мал пристап имаме ние во нашиот мисловен процес во општа смисла, а преку хало ефектот и во конкретна.
Во разните истражувања кои се занимаваат со проблематиката на хало ефектот правени се и низа испитувања на мали деца, ученици и возрасни. Од сите нив следи истиот заклучок дека начинот на кој се однесуваме кон привлечните луѓе е стекнато однесување и дека постојат голем број на избори што ги правиме а за кои не сме свесни. Оваа когнитивна склоност директно влијае врз нашите животи на различни начини и скоро секогаш останува незабележана. Самата помисла дека нешто толку мало како што е хало ефектот има огромно влијание врз нашите одлуки и начинот на кој комуницираме со луѓето, остава простор за длабоко размислување.
Comments