Љубица Џонич - следете го сонот и работете го тоа што го знаете и сакате
- marijamaneva
- Dec 12, 2017
- 2 min read
Раскажете ни ја вашата успешна бизнис приказна, како започна се и како се развиваше до денес?
После 5 години, апатична и тешко-економска и емотивна состојба, кон крајот на 2004 година,како феникс се издигнав од пепелта и ‘решив’. Не можам тоа да го објаснам и да бидам сигурна од каде толкава волја и желба и што беше она што ме поткрена, само сум сигурна дека сите луѓе ја имаме таа Божја сила во нас, само треба да ја ослободиме и да си го следиме својот пат и судбина. Се откажав од социјалната помош како самохрана мајка и го регистрирав семејното земјоделско стопанство Аграр-Плус ДООЕЛ, с.Црничани, Дојран.Си велев,ако ништо друго-нема да бидеме гладни. Си работев така и имавме за јадење. После 2-3 години дојдов и до државно земјоделско земјиште како основа за водење на земјоделскиот бизнис. Година за година поминуваа, а јас пробував од која култура може да се заработи.Имаше години кога ништо не одеше, но со истрајност, упорност,верба и надеж се преброди сė. Експанзија доживеав во последните неколку години, каде предизвик ми беше брокулата, исклучително тешка за продажба, бидејќи вегетацијата брзо и поминуваше и можеше лесно сезоната да се промаши.Ги зголемував површините и не се покајав. Кога почнав (само за да не бидеме гладни), сега дојдов во фаза каде што инвестирам во капитални инвестции. Амбициите ми се големи и планирам во некоја следна фаза од работењето на моето претпријатие да ја поткренам визијата на повисоко ниво за да остварам повисоки цели и стандарди за мене и моето семејство.

Кои се вашите три најзначајни вештини што ве прават успешна жена претприемач?
Импровизација во критични моменти, решавање на сложени проблеми, вештина во производство на зеленчук.
Кога би можеле кои работи би ги промениле за да го подобрите женското претприемништво и претприемништвото воопшто?
Би дала осврт на вештините што недостасуваат и техничка оспособеност на жената.
Пр: компјутери, обуки за ракување со современа опрема...за што поголема независнот, информираност, здружување и вмрежување поради размена на информации, искуства и соработка.
Каков совет би им дале на жените кои сакаат да отпочнат сосптвен бизнис?
Да го следат сонот и законите,да бидат храбри во ризиците и да го работат она што го сакаат и знаат.
Какви се вашите идни планови, каде се гледате себе и вашиот бизнис за една година?
Не можам да кажам што ќе правиме следната година, ама можам да кажам за следниот период од 2 до 3 години. Во земјоделството малку побавно одат планирањата и работите и зависат од природните фактори. Можеби производството на здрава храна преку други алтернативни култури и органско производство и заокружување на процесот на производство со некоја иновативна преработка е следната моја визија за моето претрпијатие.
Comments