Пале Стојанова - инвестирањето во стручен тим ја зголемува успешноста на компанијата
- marijamaneva
- Dec 4, 2017
- 3 min read
Раскажете ни ја вашата успешна бизнис приказна, како започна се и како се развиваше до денес?
Кога бев дете имав желба да бидам моден дизајнер, но подоцна добив желба да уредувам домови. Двете желби ги споив во една и испадна оваа што денес го работам - уредувам домови со декоративен текстил и ги усреќам луѓето што живеат во нив, а тоа ми дава комплетно задоволство. Пред да почнам да работам со декорирање со текстил, работев облека. Но, се случи да се вработам во фирма што изработуваше завеси, се пронајдов во сето тоа и сфатив дека таа работа ме исполнува уште повеќе од претходната. Но, таму се работеше по некои критериуми така што секогаш имав чувство дека работата не ни е комплетно завршена. Имајќи во предвид дека секој сам си поставува критериуми, бев сигурна дека можам и многу повеќе од ова, но сакам моите способности во целост да си ги истакнам во сопствена фирма, со сопствено име, оставајќи личен печат. И така во Мај 1998 се роди Класик Бјути, а веќе во 2000-та стана бренд. Денес Класик Бјути се распознава по квалитетните и брзи услуги, како и понудата на брендирани производи од областа на завесите.

Кои се вашите три најзначајни вештини што ве прават успешна жена претприемач?
Посетувам саеми и салони на познати производители, од каде следам што е во тренд. Практикувам колку што можам да сум поприсутна во салонот и во работилницата. Многу ми е битно клиентите да бидат љубезно пречекани и услужени со квалитетен совет, а и реализацијата на нарачките треба навреме и квалитетно да се сработат. Кога клиентот ќе дојде со доверба кај нас и ќе каже дека треба да се опреми комплетен стан или куќа, моја прва препорака е да го посетам нивниот дом, да видам со каков ентериер е опремен, да ја видам поставеноста на прозорците, каков вид на корнизи треба или можат да се постават, каков тип на материјали би одговарале во тие простории и која боја би ѝ дала убав, едноставен или раскошен изглед на просторијата. Вложив и доста труд да создадам добро обучен тим што ќе ја познава целокупната наша работа и обемноста на посетеноста, како и изработката на нарачките. Доколку се работи со љубов, точност и квалитет, клиентите со големо задоволство ќе возвратат на вложениот труд. За да го постигнам сето тоа е потребно време и амбициозност. Затоа, како први три вештини ги одвојувам: работата со љубов, квалитетот и амбициозноста.
Кога би можеле кои работи би ги промениле за да го подобрите женското претприемништво и претприемништвото воопшто?
Всушност, во нашето општество владее нелојална конкуренција, како и нефер игра од страна на државата во глобала на сите фирми. Во смисол на субвенционирање за вработување за еден тип фирми има подобри услови, а за некои (а најчесто веќе постоечките) тоа не важи. Очигледно се соочуваме со глобални проблеми, не само во женското, ами и во машкото претприемништво. Затоа, кога би можела би ги ставила на вага сите проблеми од фирмите, би ги разгледала подобро проблемите кои доведуваат до назадување на работата, и би ги урамнотежила условите за раководење и претприемништво за сите подеднакво.
Каков совет би им дале на жените кои сакаат да отпочнат сосптвен бизнис?
„Маж-жена“ – не постои разлика во смисол на претприемништво. Многу жени се докажале дека една фирма можат да ја водат подобро од маж. Само со голема желба и голема верба во себе се успева во она што го имате замислено.
Какви се вашите идни планови, каде се гледате себе и вашиот бизнис за една година?
Во Изминативе 20 години се сретнав со најразлични ситуации и причини кои ме доведоа до нови искуства и нови надоградувања. И сеуште после секој работен ден во оваа дејност, можам да кажам дека секој нов ден ми носи нови сознанија и нови искуства. Целта на моето постоење како претприемач, дизајнер, и мајстор на својот занает е постојано надоградување со искуства и вештини, а Класик Бјути како популарен бренд секогаш да биде на прво место.
Comments