top of page

Сузана Андонова - успешниот претприемач е креативен и не се плаши од нови идеи и планови

  • Writer: marijamaneva
    marijamaneva
  • Dec 13, 2017
  • 3 min read

Раскажете ни ја вашата успешна бизнис приказна, како започна се и како се развиваше до денес?

Мојата успешна приказна започна пред 10 години кога случајна идеја беше причина за сериозна реализација. Како сопруга и мајка на три ќерки, не беше воопшто лесно да ја координирам работата и семејството. Бев свесна за одговорноста што ја имав на мене, многупати се прашував дали направив вистински чекор и како ќе се справам со одредени ситуации. Но, за среќа моето семејство беше секога тка да ме поддржи и да ми даде сила да продолжам. Еве денес повеќе од 10 години се занимавам со металската индустрија и можам да кажам дека уживам во мојата работа. Она што мојата компанија беше успешна во изминативе 10 години е тоа што на секоја пречка гледав како на истражувачки проект и за мене секоја грешка значеше обид-учење-раст. Друго што би напоменала е дека секој ден се учи нешто ново, затоа што во бизнисот ако не учиш и не растеш, тогаш умираш. Постојано барам начини да го развијам својот бизнис, но со мое сосптвено темпо.. Бизнисот е постојан натпревар, јас претпочитам понекогаш да ми треба и повеќе време да ја развијам идејата и да го завршам натпреварот, отколку да се повредам и да не успеам. Она што јас заклучив овие 10 години е дека успехот во бизнисот е правопропорционално поврзан со вербата во себе и со поставените цели.

Кои се вашите три најзначајни вештини што ве прават успешна жена претприемач?

Ризик – многу често сите планови не се остваруваат поради стравот од неуспех. Но многу често, одлуките кои ги правите надвор од нашата „комфорна зона“ се токму оние вистинските кои ќе не однесат до успехот.

Упорност – постојат моменти кога мислите дека бизнисот ви пропаѓа, но за мене ова беше точката кога мојот бизни почна да се развива. Откажувањето не беше опција во мојата глава.Ова се постигнува со многу посветеност, верба и самодоверба. Во моменти на слабост, семејството беше мојата најголема поддршка која ме водеше напред без откажување и двоумење.

Верба во себе – искусниот претприемач верува во своите цели, идеи и планови. На почетокот на мојата кариера бев многу посветена, упорна, работев на вербата во себе и своите цели.

Креативност – успешниот претприемач е креативен и не се плаши од нови идеи и планови. Јас како претприемач постојано наоѓам креативен пристап на веќе донесените идеи и планови, така што истите ги проширувам, подобрувам и развивам. Не губам време на идеи за кои сметам дека се неуспешни.

Кога би можеле кои работи би ги промениле за да го подобрите женското претприемништво и претприемништвото воопшто?

Јас сметам дека во Македонија треба да се работи на креирање мерки за поттикнување на женското претприемништво. Треба исто така да се работи на финансирање и започнување на бизниси од страна на жени претприемачи. Понатаму сметам дека треба да се организираат семинари на кои жените ќе се запознаат со карактеристиките на успешниот лидер и како да станат успешем лидер. Затоа што успешниот лидер е движечка сила во компанијата. Јас би работела на поддршката и губење на стереотипите дека мажите се поуспешни претприемачи од жените. Како и во областите во кои жената сака да се докаже себе си, на пример металиндустријата, Јас лично не сум се соочила со ваков проблем, но сведок сум дека постојат и секојдневно се случуваат.

Каков совет би им дале на жените кои сакаат да одпочнат сопствен бизнис?

Жените претприемачи треба да бидат спремни за борба со многу предизвици во корпоративниот живот. Многу често се јавуваат проблеми поврзани со кариерата со кои треба да се соочат и да не чувствуваат никаков страв од неуспех. На почетокот сите се соочуваат со недостаток на вештини, информации, ресурси за да ја развијат својата компанија, понатаму овде би ја споменала и загриженоста за негативниот ефект на кариерата во односите со семејството и пријателите. Исто така сметам дека голем проблем за жените претприемачи е недостатокот за план за развој во бизнисот и присуство на јавни бариери. Мојот совет до сите жени кои сакаат да основаат свој сопствен бизнис е секогаш да се обидуваат да се справат со сите пречки, а верувајте ги има многу, кога работите во сопствен бизнис немате работно време, немате празници ниту пак слободни денови. Никој не рече дека ќе биде лесно, но со вистинските чекори и храброто чекорење напред, успехот е загарантиран.

Какви се вашите идни планови, каде се гледате себе и вашиот бизнис за една година?

Успешниот претприемач треба постојано да размислува на нови идеи и цели. Плановите за мојата компанија е да ја проширам на интернационално ниво, со оглед на тоа дека веќе почнав да се занимавам со оваа идеја, можам да кажам дека е доста успешна и профитабилна. За една година, мојата компанија ја гледам во петте најдобри компании во Македонија кои се занимаваат со оваа дејност.


Comentarios


ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ
bottom of page